ИЗУМИРААТ МОЛОВИТЕ!

29 April, 2014 - 10:02

Ширум САД се затвораат трговските центри, како последица од неможност на соодветно прилагодување на цените и изборот на продажба по електронски пат.

Трговските центри се составен дел од американскиот начин на живот, од настанокот на потрошувачкото општество во текот на 50-тите години од минатиот век, оцени магазинот Слејт.

Европа тој модел го прифати 20 години подоцна. 

Младите кои се носители на новиот животен стил допринесоа за популарноста на шопинг моловите. Но, се чини дека времињата се менуваат, бидејќи купувањето по електронски пат зима се поголем замав и тоа кај претставниците на новата генерација, потиснувајќи го шопингот по трговските центри кои се затвораат во се поголем број.

Според податоците на консултантската куќа Пајпер Џефри, посетата на американската младина на тровските центри, во последните 10 години паднала за 30 отсто. Во просек американски адолесцент посетува трговски центар 29 пати во тек на една година, додека во 2007 тој просек изнесувал 38 пати.

Во студијата се наведува дека рестораните се повеќе ги заменуваат трговските центри како место за собирање на американските адолесценти.

Причината за намалената посетеност на младите Американци на шопинг моловите е и опсесијата за безбедност посебно по терористичките напади во 2001 година, како и се позачестеното искажување на агресивно однесување во тие простории. (Миа)

Во студијата се потенцира дека американската младина првпат откако се води овој вид на истражување трошела повеќе на храна и социјален живот отколку на облека. Иако се уште е рано да се зборува за нова тенденција, во студијата се изнесува претпоставката дека младите поради кризата и намалената куповна моќ, можеби станале помалку зависни од брендирана облека. 

Веста е прочитана 114 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.