МУКАЕТОВ НАГРАДЕН ВО ПАРИЗ

30 April, 2014 - 09:23

 

Во рамки на церемонијата на свеченото отвoрање на четвртиот Фестивал на кинематографиите од Jугоисточна Европа, „SEE a Paris“ („ЈИЕ во Париз“, н.з.), коe се одржа во престижниот париски „Театар Ле Палас“, генералниот директор на „Алкалоид АД Скопје“, г. Живко Мукаетов ја доби наградата „ЈИЕ Личност за 2014“, за неговите заслуги и достигнувања во сферата на економијата, корпоративната одговорност, придонесите во културата и спортот и разни сфери од јавниот живот кои го обединуваат регионот на Југоисточна Европа.

На свеченото отворање и доделување на признанија на фестивалот во Париз присуствуваа претставници на „УНЕСКО“, високи претставници на амбасадите на земјите на Југоисточна Европа во Париз, личности од јавниот и културниот живот на оваа метропола, а настанот беше најавен и од најтиражниот весник во Франција, „Ле Паризиен“.

Церемонијата на отворањето на фестивалот „ЈИЕ во Париз“ започна со омаж на црногорскиот режисер Живко Николиќ (1941-2001). Големиот француски поет Марк Делуз ја доби фестивалската награда „Еуропа Прима“ а актерот Емир Хаџихафизбеговиќ, кој има остварено многу успешни улоги во разни култни филмски и театарски претстави, ја доби наградата „ЈИЕ Актер“. Наградата „ЈИЕ Личност 2014“ на г. Мукаетов му ја врачи Ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „ЕСРА“, г. Јордан Плевнеш, кој воедно е и основач и Претседател на советот на фестивалот на кинематографиите од Југоисточна Европа "ЈИЕ во Париз". Досегашни добитници на ова признание се г. Бранислав Мичуновиќ, министер за култура на Црна Гора и актерите Мики Манојловиќ и Мето Јовановски.

Фестивалот на кинематографиите од Југоисточна Европа „ЈИЕ во Париз“,изминативе три години ги воспостави разрушените мостови помеѓу земјите на Југоисточна Европа и оствари исклучително ехо на интернационален план, како реафирмација на цивилизацискиот простор, што ги обединува културите на сите народи од овој дел на Европа.

Веста е прочитана 131 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.