ЌЕ СЕ НАМАЛИ ДДВ ЗА БЕБЕШКИ ПРОИЗВОДИ, УЧИЛИШТЕН ПРИБОР...

30 April, 2014 - 14:45

Владата донесе одлука за намалување на стапката на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за бебешките производи, училишниот прибор, сточната храна и адитивите на сточна или добиточна храна и  жив добиток. Премиерот Никола Груевски на прес-конференција рече дека Владата на денешната седница го прифати Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за ДДВ со кој се намалува стапката кај овие производи од 18 на пет отсто.

- Новото законско решение се очекува да стапи на сила по формирање на новиот парламентарен состав и по изгласувањето на одлуката во Собранието што очекуваме да се случи кон крајот на мај или во текот на јуни. Фискалните импликации што ќе ги предизвика законското решение ќе изнесуваат 380 милиони денари на годишно ниво или половина за годинава, бидејќи остануваат уште шест месеци до крајот, рече Груевски.

Истакна дека намалувањето на ДДВ за овие производи ќе предизвика намалување на данокот што го плаќаат продавачите поради што очекува тоа да влијае на намалување на цените за крајните потрошувачи.

- Со тоа ќе им се помогне на родителите за намалување на нивните трошоци за децата. Со измените дополнително ќе се влијае врз цените на добиточната храна, како и врз цената на живиот добиток со што ќе се придонесе за стимулирање на земјоделското производство на месо и млечни производи, како и за зголемување на конкурентноста на македонското стопанство преку намалените цени, истакна Груевски.

Веста е прочитана 108 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.