ПРВОМАЈСКИ ПРОТЕСТИ ЌЕ ИМА ВО СКОПЈЕ И ВО КУМАНОВО

30 April, 2014 - 14:58

Во земја во која да си вработен е привилегија, а не право не смее да се дозволи денот на трудот да мине без работнички протести, порачаа неколкуте синдикални организации и здруженија кои утре ќе организираат протести во Скопје и во Куманово. Очекуваме масовност, бидејќи голем дел од граѓаните живеат на работ на сиромаштијата и полека, но сигурно се напушта ставот дека Први Мај е ден на скарата, вели Здравко Савески од „Солидарност“.

- Оние на кои им е убаво, кои уживаат и кои имаат неброени пари нека одат на пикник, не ни требаат. Оние кои се гладни, кои не можат да врзат крај со крај нека дојдат на протест. Треба да се избориме за нашите права. 

 

Организаторите на протестите најавија дека до новата влада ќе достават конкретни барања за зголемување на минималната плата во текстилната и кожарската индустрија, како и ослободување на правото на штрајк и на синдикално организирање. Велат, во нормална држава нашите барања би биле чудни и смешни.

- Сега е актуелно Светското првенство во фудбал кое ќе се одржи во Бразил. Таму натпреварите ќе почнуваат рано наутро во 2 и во 4 часот. Знаете ли за што разговараат нашите колеги од синдикатите во Германија со работодавачите? Да се пролонгира работното време за да може работниците да гледаат фудбал и утредента одморени да одат на своите работни места. Ние такво барање да доставиме до работодавачите, Господ знае како ќе не сфатат, рече Марјан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации. 

- Ние се` уште зборуваме за првата пречка, а тоа е почитување на Законот за работни односи, кој според сите стандарди, не е во полза на работниците, но и таков каков што е не се почитува. Значи ситуацијата во однос на почитувањето на професионалните и работничките права е катастрофална, изјави Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ. 

 

ССМ веќе неколку години не одржува првомајски протести. Тие годинава денот на трудот ќе го одбележат со барање за измени во Законот за безбедност и здравје при работа.  

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 128 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.