ММФ ДВЕ НЕДЕЛИ ЌЕ ЈА СКЕНИРА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

6 May, 2014 - 16:02

Во следните две недели тимот на ММФ ќе ги скенира состојбите во македонската економија. На средбите со министерот за финансии Зоран Ставрески и со гувернерот Димитар Богов ќе се разговара за пост програмскиот мониторинг за оваа година, а тоа значи дека ќе се анализираат економските параметри поврзани со кондицијата на земјата навреме да ги сервисира своите обврски.

 

-Процесот на пост програмски мониторинг е наменет за земји членки кои што имаат значителна преостаната обврска кон Фондот по истекот на нивните аранжмани, се вели во соопштението од седиштето на ММФ во Скопје.

 

Македонија беше вклучена на листата за пост програмски мониторинг минатата година кога всушност и истече рокот на две годишнит аранжман на кредитната линија за претпазливост од 480 милиони евра одобрен непосредно пред одржување на парламанетарните избори во 2011 година.

 

Од него без повлечени 220 мил.како одговор на домашните, а не на надворешни шокови како што препорача ММФ.

 

Во извештајот изготвен по средбите во ноември, ММФ оцени дека кондицијата за вракање на долговите е добра но, дека задолжувањето значително се зголемува. Тогаш препорачаа владата  да ја обнови буџетската транспарентност, да воспостави стратегија со приоритети, да ја зголеми контролата врз трошењата и долговите на јавните претпријатија, да се напушти антикризната фискална политика и да се намали дефицитот.

 

По оваа пролетна средба, ММФ ќе изготви нов извештај во кој најверојатно ке бидат  земени предвид можностите за економски раст и јавниот долг кој е проектиран на 36 проценти од БДП, но се очекува дополнително да се зголемува поради кредитот од 550 милиони евра со кинеската „Ексим банка“ и 100 милиони евра кредит од ЕИБ за изградба на државни патишта.

Виолета Зајкова

Веста е прочитана 134 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.