СУБРАТА РОЈ ОСТАНУВА ВО ЗАТВОР

6 May, 2014 - 18:04

Индискиот бизнисмен и потенцијален инвеститор во земјава, Субрата Рој останува во затворот Тихар. Врховниот суд на Индија го одби планот на „Сахара Груп“ за обештетување на измамените инвеститори, а со тоа и барањето за ослободување на Рој со кауција. Понудата на компанијата во рок од три дена да уплати околу 415 милиони долари, а најдоцна до 20 јуни уште толку, како и да обезбеди банкарска гаранција во висина од 830 милиони долари не беше доволна за судот да му дозволи на познатиот индиски бизнисмен да се брани од слобода. Според пишувањата на индиските медиуми, Субрата Рој и уште двајца директори на неговите фирми ќе останат во притвор се` додека не достават прифатлив план за враќање на долгот од над 4 милијарди долари на речиси 30 милиони инвеститори. 

Од Врховниот суд на Индија ги отфрилја обвинувањата на Рој дека тој е притворен спротивно на законот и ја обвинија „Сахара груп“ дека ги злоупотребува правните процеси на земјата. 

Рој е обвинет за финансиска измама на малите акционери кои купиле удели во две од неговите компании. Тој е во притвор веќе два месеца, а неговите адвокати во неколку наврати се пожалија дека здравствената состојба на бизнисменот е влошена. 

Додека битката на Субрата Рој со индиското судство продолжува, состојбата со најавените инвестиции на „Сахара груп“ во Македонија е „статус кво“. Никој не кажува дали воопшто ќе се изградат краварските фарми во Свети Николе и атрактивниот туристички центар во Љубаништа. Премиерот и дел од министрите кои претходно го претставуваа Субрата како пријател на Македонија, по неговото приведување не се расположени да говорат за неговите проекти во земјава.

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 139 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.