РУСКАТА ЖЕЛЕЗНИЦА САКА ДА ГО КУПИ СОЛУНСКОТО ПРИСТАНИШТЕ

8 May, 2014 - 10:39

Руската државна компанија „Руски железници“ го пренасочи својот интерес кон пристаништето на вториот по големина грчки град Солун, иако пред тоа планираше да учествува во приватизацијата на пристаништето во Пиреја, тврди електронското издание на грчкиот весник „Етнос“.

- Од стратешка гледна точка солунското пристаниште претставува поголем интерес за нас, изјави претседателот на „Руските железници“, Владимир Јакунин на форум во Казахстан, каде потенцира дека неговата компанија повторно ги разгледува своите планови за учество во приватизацијата на пристаништето во Пиреја.

Јакунин е меѓу најблиските соработници и пријатели на рускиот претседател Владимир Путин и фигурира на списокот со лица кои се опфатени со санкциите на Западот поради ситуацијата во Украина, наведува весникот.

ИТАР-ТАСС посочува дека пред извесно време „Руските железници“ пројавиле интерес за преземање на грчките железннички компании ТРЕНОСЕ и РОСКО, а, исто така, и на пристаништето во Солун, кои во 2013 година беа ставени на листата за приватизација.

Во моментов грчката држава поседува 74 отсто од акциите во пристаништата во Пиреја и Солун.

Тендерот за продажба на солунското пристаниште беше отворен на 15 април, а пријавувањето на заинтересираните инвеститори треба да заврши до 5 јуни

Веста е прочитана 98 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.