НИКОГАШ ПОЛОША СОСТОЈБАТА СО РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА

9 May, 2014 - 13:48

Минатата година ,од аспект на заштита на работничките права, беше најлошата досега, а најголема заслуга за тоа, покрај економската криза,  имаат политичарите, сметаат домашните и странски експерти, присутни на Меѓународниот семинар за социјалните и работнички права во време на економска криза. Во зависност од состојбата на фирмата, на  работниците често им доцнат платите и секојдневно се изложени на мобинг и на дискриминација. Затоа, велат експертите, треба да се едуцира нова генерација политичари кои ќе бидат подобри носители на одлуки за работничките права од сегашните.

Марко Савковиќ од  белградскиот Фонд за политичка исклучителност вели дека политичарите пропуштаат можност поактивно да се вклучат во тој процес на социјален дијалог. 

-Тие тоа повторно настапуваат од популистичка позиција што значи дека не ги земаат предвид реалните, буџетски и пазарни ограничувања. Или, можеби, немаат недоволно знаење на вистински начин да се вклучат во тој дијалог, вели Савковиќ.

Политичарите не ги штитат работничките права затоа што не знаат како е да се живее со минимална плата но, од друга страна, гласовите сакаат да ги добијат преку корупција, а не преку мобилизација на граганите врз основа на нивната заштита на човековите права, вели проф.Здравко Савески. Кај политичарите, според него, постои идеолошка убеденост дека работничките права мора да се ниски за да има економски развој.

-Сите македонски влади, во изминатите 25 години, ги намалуваат правата, а нема економски развој. Ефектот е се` поголема класна разлика. Пари во буџетот има,наспроти тврдењата на секоја власт дека нема за социјалата,но не сакаат да ги трошат тие пари за да не се наруши рамнотежата на пазарот па невработените да бидат дестимулирани да бараат работа. Таа ментална бариера мора да се надмине. Ако политичарите не го сакаат тоа сами да го направат, тогаш работниците, синдикатите и сиромашните мора да бидат тука за да ги потсетат и да притискаат, вели Савески.

Македонија во однос на земјите од Балканот е лидер во намалување на работничките права, додава Савески.

-Во Србија и Хрватска дури сега се носат закони со кои договорите за определеното време ќе се продолжат од една на три години. Кај нас тоа е направено во 2003 година, а во 2008 година, вакви договори можат да се склучуваат на 5 год. Нашето искуство треба да им биде предупредување да не го прават тоа затоа што ке се создаде нерамномерен ек. развој, на штета на работниците а во користна сопствениците. Како разултат на свесно водени погрешни политики, Македонија е земја со најголеми класни разлики на Балканот и во  Европа, вели Савески.  

Виолета Зајкова

 

Веста е прочитана 119 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.