ВО СТРУМИЧКО ПОМАСОВНО СЕ КОРИСТИ СОЛАРНАТА ЕНЕРГИЈА

10 May, 2014 - 19:11

Во cтрумичко почнува масовно да се користи соларната енергија во индивидуалните и комерцијалните објекти. Според очекувањата над 70 отсто можат да изнесуваат заштедите со користењтето на овој вид на обновлива енергија, а основното училиште „Сандо Масев“ од Струмица е меѓу првите во државата што има вградено ваков систем за обезбедување на енергија. По шест месеци од поставувањето заштедите се евидентни. Во покривот на зградата се монтирани 78 соларни панели, а во просториите на училиштето е сместена опрема за трансформација и дистрибуција на електричната енергија.

-За заштедите во буџетот што ги овозможува овој проект, го следиме процесот, но се уште е рано да излеземе со показатели, меѓутоа факт е оти ќе имаме директно намалување на сметките за електрична енергија, вели Лидија Манушева, директор на ОУ „Сандо Масев“ од Струмица.

Од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, кој е еден од учесниците во проектот за ефикасно користење на соларната енергија, велат дека свеста кај граѓаните за користење на таков вид енергија е се уште на ниско ниво, но додаваат дека преку едукација ќе настојуваат да ја подигнат.

-Покрај овој проект што се опфатени учениците кај другата кампања е опфатено комплетното население од 172 илјади жители во нашиот регион со цел подигнување на јавната свест и воведување на овие извори на енергија, обновливи, во секој еден дом, во сите институции, но и во приватниот сектор, рече Жулиета Ѓуркова, директорка на Центарот за развој на Jугосточниот плански регион.

Во Струмичко годишно се бележат над двесте и педесет сончеви денови, што е одлична база за користење на соларната енергија.

Ристо Тасев 

Веста е прочитана 125 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.