„ВАН ХОЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ПРОИЗВЕДЕ 210 АВТОБУСИ

12 May, 2014 - 15:56

Белгиската компанија „Ван Хол“ го произведува 210-от автобус во фабриката во ТИРЗ Скопје 2 во Македонија.

На официјалното пуштање во употреба на фабриката денеска во присуство на владиниот врв и гости од бизнис заедницата, раководството на „Ван Хол“ најави проширување на производната линија и пласман покрај на американскиот и на европскиот пазар, како и зголемување на бројот на вработени од сегашните 430 на 600. Досега во фабриката на површина од 37.000 метри квадратни се инвестирани 25 милиони евра. 

 

Извршниот директор и сопственик на „Ван Хол“, Филип Ван Хол изрази задоволство што успеале да ја изградат фабриката за само една година, истакнувајќи ја тимската работа и поддршката од македонската Влада и стручниот кадар.  

 

- Успеавме да почнеме со производство и веќе испорачавме 140 возила, ангажиравме 430 вработени, потпишавме поддоговори со повеќе компании. Ова е само почеток  со оглед дека во последниот квартал од годинава ќе почнеме со производство на ново возило за европскиот пазар што ќе донесе нови 140 вработувања, најави Филип Ван Хол. 

 

Инвестицијата на „Ван Хол“, според премиерот Никола Груевски, е од извонредно значење за  Македонија со која се враќа традицијата на автобуската индустрија во државава, се отвораат нови работни места и се испраќаат позитивни пораки до другите инвеститори за бизнис климата.

- Фабриката претставува инвестиција од 25 милиони евра и моментно вработува 430 наши сограѓани која бројка се очекува во наредниот период да достигне 600. Фабриката веќе работи активно, а околу сто автобуси произведени во неа се извезени во САД. Произведени се вкупно 140 автобуси, а во фаза на производство се 70, што значи дека веќе се работи на производство на 210-от автобус во Македонија, рече Груевски. 

 

Воспоставената соработка на „Ван Хол“ со неколку домашни компании кои со својата работа би учествувале во синџирот на производство на автобуси од Македонија, укажа Груевски, ја враќа на голема врата индустријата на производството на автобуси што беше особено актуелна во минатото.  Ги повика сите македонски компании да ги искористат  можностите за соработка со инвеститорите кои отворија свои производни капацитети во Македонија. 

 

– Тоа е извонредна можност  за сите домашни компании, не треба да чекаат тие ним да им се обратат, туку  треба да размислат на кој начин, со која своја понуда или дополнителна инвестиција да им се приближат,  нагласи Груевски, изразувајќи задоволство што етаблираниот бренд на „Ван Хол“ на светските пазари се произведува во Македонија, која е нивна прва странска дестинација за инвестирање.  

 

„Ван Хол“ е семејна компанија од Белгија, формирана во 1947 година. Произведува градски и меѓуградски автобуси, како и индустриски возила. Има повеќе од 4.000 вработени во светот и остварува преку 450 милиони евра годишен обрт. Над 80 отсто од производството на „Ван Хол“ е наменето за извоз.

Веста е прочитана 107 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.