К-15 НЕКОГО ЌЕ НАСМЕЕ, НЕКОГО ЌЕ РАСПЛАЧЕ

13 May, 2014 - 16:07

Враќањето на популарното К-15 некого ќе насмее, а некого ќе расплаче. Исплатата на регресот за годишен одмор ќе им дојде добро на работниците, но за голем дел од работодавачите ќе претставува луксуз. Проблемот е во тоа што стопанството генерално нема пари да ги исплати овие 8.400 денари по вработен, бидејќи македонската економија не е во најдобра кондиција, вели Горан Рафајловски, претседател на Стопанската комора на град Скопје.  

- Јас генерално сум тие пари да се исплатат и луѓето да имаат барем некои дополнителни средства за еден солиден одмор ама имаме ситуација во која одредени работници имаат месечна плата од 8.000 денари, а работодавачот треба да исплати К-15 од 8.400 денари. Тоа веќе претставува проблем, бидејќи испаѓа како исплата на 13-та плата. 

 

Според договорот што го потпишаа Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи, во периодот од 1 јули до 31 декември сите приватни компании имаат обврска да исплатат регрес за годишен одмор, во висина од 40 отсто од просечната плата во државата. Оваа мерка треба да опфати околу 300.000 вработени. Според Рафајловски, дел од стопанствениците жестоко реагирале и прашувале зошто оваа обврска била вклучена во колективниот договор. 

- Ако имате намалени порачки за работа, ако имате намален капацитет на работа тогаш навистина е проблем и плата да згоелмите и К-15 да исплатите. Тоа е реалноста. Супер е да им исплатиме регрес на луѓето заради тоа што ќе ги насмееме. Тешко ќе му биде на тој што треба да го плати, бидејќи ќе го расплачеме ама во оваа ситуација помалку луѓе ќе плачат, а повеќе ќе се смеат. 

 

Оваа мерка нема да ги насмее вработените во државната администрација, бидејќи тие годинава нема да добијат К-15. Од ССМ најавуваат дека преговорите за колективниот договор за јавниот сектор се при крај и најверојатно од идната година и државата ќе има обврска да исплаќа регрес за годишен одмор. 

Mирко Трајановски

 

Веста е прочитана 124 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.