ШТРАЈК ВО „ДРЕКСЕЛМАЕР“ - ГИ НЕМА ПРАЗНИЧНИТЕ ДНЕВНИЦИ

13 May, 2014 - 17:52

Штрајкот што го започнаа синоќа околу стотина вработени во кавадаречки „Дрекселмаер“ продолжи и утрово со првата смена во кругот на фабриката. Револтираните работници велат дека од раководството на компанијата им  ветиле повеќе пари за велигденските празници, но дека откако вчера ги добиле платите, виделе дека дневниците ги нема на  сметките. Тие велат дека добиле само вредносен ваучер од 1500 денари додека ветениот бонус од 2200 денари не го добиле. Нашата екипа не успеа да сними што се случува во кругот на фабриката затоа што тоа не ни го дозволи обезбедувањето.

Сепак, можеше да се забележи како  дел од работниците  стојат надвор од халата. Не можеа да зборуваат  пред камера,затоа што, како што рекоа, им било забрането да излезат надвор, но затоа пак во телефонски разговор тврдат дека биле принудувани од раководството да се вратат на работа, иако тие не сакале да го сторат тоа и упорно барале одговор како и на кој начин се прави пресметка на нивните плати. Ни кажаа дека во текот на денот оделе во пресметковното одделение  за да видат каде се евентуалните проблеми со нивните плати.

Тие ни се пожалија и дека не се задоволни од дваесет-  минутната пауза што ја имаат за ручек, зашто ,како што велат едвај имаат време нормално да седнат на маса, бидејќи мораат брзо да се вратат на работните места. Дознаваме и дека секојдневно во фабриката доаѓаат нови работници на местата на старите кои заминуваат незадоволни од личниот доход.  

Иако побаравме одговор од компанијата за штрајкот на вработените и што се случува во кругот на фабриката,не добивме никаков коментар.

Околу 4000 лица во моментов работат во германската фабрика „Дрекселмаер“од Кавадарци, Неготино, Росоман, Градско, Велес и дел од Прилеп, а просечната плата изнесува 9000 денари. Оние кои биле најупорни,со прекувремена работа и работа во викенд заработувале до 15.000 денари.  „Дрекселмаер“ инвестираше 35 милиони евра за производство на кабелски инсталации за автомобилската индустрија.

Билјана Наумова

Веста е прочитана 101 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.