ЗАЧМАЕНОСТ НА ПАЗАРОТ НА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ

16 May, 2014 - 14:22

Заживувањето во економијата со кое се фалат надлежните институции, не се чувствува на пазарот со хартии од вредност. Причините се лоцираат во ниската ликвидност, лошото работење во некои од котираните компании, но и во недефинираната сопственост. Особен проблем, според учесниците на годишната конференција на македонскиот пазар на хартии од вредност е тоа што компаниите постојано се задолжуваат кај банките, наместо да  издаваат акции со што ќе се снабдат со свеж капитал. 

-Нема ниту една  емисија на хартии од вредност, што значи дека фирмите не ја користат берзата како извор на финансирање на своите проекти, вели  Елизабета Чингаровска од Комисијата.

Зависноста на македонската економија од кредити го доведува во прашање нивното работење па многу од нив не можат ни да помислат да инвестираат на берзата надвор од својата дејност, велат стопанствениците. На сопствениците се уште им е поважно да ја сочуваат контролата во фирмата отколку да гледаат како таа да оствари развој. 

Антони Пешев од Стопанска комора на Македонија вели дека приватизацијата  мора да заврши, зашто фимрите имаат проблеми со сопственоста.Тогаш берзата ке заживее, вели Пешев. 

Презадолженост кај компаниите има и во Хрватска.Иако земјата влезе во ЕУ ,тоа не влијае на работата на берзата.

Петар Пјер Матек, ХАНФА Хрватска вели дека хрватскиот пазар на капитал е под големо влијание на економската криза. 

-Хрватска е седум години во рецесија и со самото тоа резултатите на компаниите кои се на берза не се добри. Од 21 фирма,речиси половината минуваат низ некаков облик на стечај па дивидендните приноси се мизерни. За жал влезот во ЕУ, засега, нема никакво влијание.Ефектот од кризата е многу посилен од позитивните ефекти од пристапувањето во ЕУ, нагласува Матек.

Задоволство од работата искажа само берзата од Истанбул. На четири пазари се остварува дневен промет од 1 до 10 милијарди долари, а на нив тргуваат многу мали акционери и странски инвеститори од Азија и Европа. За големиот раст клучна улога има приватниот сектор.

За реазлика од Турција,прометот на македонската берза се движи од 50 000 до 100 000 евра дневно. Иван Штериев, директор на Македонска берза вели дека за шест години пораст е забележан двапати, а пад четири пати.

Приоритет останува вмрежувањето со регионалните берзи. Загрепската, Софиската и Македонската берза формираа заедничка  компанија со што ке се овозможи во трите земји да се тргува со акциите кои котираат на трите пазари.

Виолета Зајкова

Веста е прочитана 136 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.