ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ БАРААТ ИСТ ТРЕТМАН СО СТРАНСКИТЕ

16 May, 2014 - 16:24

Домашните компании се` уште се чувствуваат запоставени во однос на странските инвеститори. Домашните извозни компании и покрај тоа што не се во индустриските зони заслужуваат поддршка од државата преку даночни и царински олеснувања и евтини кредити од Македонската банка, велат од стопанските комори. 

- И надвор од зоните постојат домашни компании чиее производство е наменето 100 отсто за извоз. Сметаме дека тие не добиваат еднаков третман со странските компании во зоните, рече Митко Алексов од Сојузот на стопански комори.

- Мислам дека МБПР треба да го зголеми својот капитал, можностите за инвестирање и за помош, како и обезбедувањето кредити и поддршка на извозот со доразработување на постојните инстерументи и воведување нови, истакна Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија. 

 

Пред законот сите сме исти, но во пракса тоа не е така, вели претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи.

- Кога доаѓа некој странски инвеститор пола Влада се крева на нозе и се труди да му обезбеди најдобри услови. Ние немаме ништо против тоа, но сакаме ист третман и за нашите компании, бидејќи не мора да значи дека една голема компанија може да ја извлече нашата земја од кризата туку за да се постигнат најдобри резултати е потребна соработка меѓу домашните и странските компании.

 

Министерот за економија Ваљон Сараќини негира дека државата ги фаворизира странските инвеститори. Сепак, вели дека Владата е отворена за предлозите на коморите кои ќе придонесат за подобрување на условите за водење бизнис на домашните компании. 

- Во ниту еден закон не постои разграничување меѓу домашни и странски инвеститори. Тие услови што важат за домашните, важат и за странските инвеститори. Наша главна цел е привлекување инвеститори, без разлика дали се домашни или странски, изјави Сараќини.

 

Според него, компаниите кои во моментов работат во зоните вработуваат 2600 лица, а во првите три месеци од годината имаат извоз во вкупна вредност од 250 милиони евра. 

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 89 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.