КУМАНОВСКИОТ ТУТУНСКИ КОМБИНАТ ОДИ НА ПРОДАЖБА

18 May, 2014 - 15:39

Некогашните вработени во Тутунски комбинат Куманово се надеваат дека со продажбата ќе заживее фабриката но скоро никакви им се шансите да си ги наплатат побарувањата. Долговите се двојно поголеми од проценетата вредност, предност имаат банките и УЈП а во стечајната маса не влегува ниту имотот одземен од тутунскиот бос Бајруш Сејдиу, последниот сопственик на кумановскиот Монопол.

 

Кумановскиот Тутунски комбинат оди на продажба. Ќе се продава без почетна цена и тешко дека ќе се подмират долговите но сега е најважно да заживее фабриката бидејќи има добри услови, стратешка позиција и можности за голем број нови вработувања, смета Слободан Павловски, поранешен работник и еден од членовите на пописната комисија во стечајната постапка.

 

-Добро е што комбинатот има најмал број работници во однос на другите тутунски комбинати така што инвеститорот кој ќе влезе во комбинатот ќе има капацитет за ново примени луѓе од 20 до 30 години. Тоа е најдобро за него, нема да има постари, ќе

има млади кои навистина ќе го заживеат и комбинатот ќе работи за добро на општина Куманово, вели Павловски.

 

Доколку државата ги отпишеше долговите, како на Тутунскиот комбинат Прилеп, 400 работници од поранешен кумановски Монопол, можеа да очекуваат обештетување. Сега само 50 се опфатени со новиот закон за стечајци. Останатите не се надеваат дека ќе ги  наплатат побарувањата  бидејќи комбинатот има двојно поголеми долгови од проценетата вредност. Со парите од продажба првин ќе се обештетат најголемите доверители, УЈП и Централно- кооперативната банка а во стечајната маса нема да влезе имотот одземен во кривичната постапка против Бајруш Сејдиу, спроведена по неговото апсење во акцијата Пепел.- вели стечајниот управник

 

Зоран Денковски- стечаен управник на ТКК вели дека вкупниот имот е проценет на 14 милиони евра од кои има дел од имотот што не може да влезе во стечајната маса а се работи за имот кој е одземен во кривичната постапка и тој имот нема да биде предмет на опаричување. Обврските на комбинатот исто така се утврдени со решение за утврдени побарувања и се движат во висина некаде над 25 милиони евра.

 

Делот што не влегува во стечајната маса ќе оди во корист на државата но исто така и парите кои како основачки влог на комбинатот, Сејдиу ги подигнал од Тутунска банка и преку Еуро-стандард банка ги префрлил на фирма во Косово. Бајруш Сејдију го купи контролниот пакет акции за 250 000 евра, но заврши во затвор за организиран криминал. Целиот имот му беше запленет.

Фросина Лазаревска

Веста е прочитана 114 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.