ПРОТЕСТ НА СТЕЧАЈЦИТЕ: ГРУЕВСКИ, БИДИ ЧОВЕК!

22 May, 2014 - 15:49

Стечајците повторно дојдоа  на протести во главниот град  за да побараат  паричен надоместок од институциите и да ги потсетат дека ветувањата пред изборите не ги исполнија.Најголем дел од нив не го поминаа филтерот на владата и не беа ставени на списокот за надоместок до пензионирање. Во зградата на Сојуз на синдикати немаше кој да ги прими,бидејќи, како што им беше речено, нема никој на работа заради големиот дефект на канализациската цевка во центарот на градот.

 

Потоа  се упатија кон Собранието каде од новиот парламентарен состав побараа да се направат нови измени на законот за стечајци за да бидат обештетени. Поворката продолжи кон владата од  каде му упатија порака на премиерот Никола Груевски.

 

- Излези, еднаш биди човек, реши го барањето на овие работници, изедначи ги со другите стечајци, повика преку мегафон Лилјана Георгиевска-претседател на УНИТ.

 

Стечајците велат дека и покрај тоа што аплицирале на повикот на агенцијата за вработување сепак не добиле позитивен одговор дека ќе добијат надоместок од 7100 денари .

 

Подршка на стечајците им дадоа граѓанските здруженија и организации „Солидарност“, „Ленка“ и „8 септември“. Според нив, сегашниот закон за стечајци е само политичка манипулација, иако за да се обештетат сите стечајци на годишна основа треба да се одвојуваат само 0,46 проценти од буџетот на државата .

 

Доколку наскоро  не добијат паричен надоместок ,стечајците најавија нови протести,но и социјални немири .

Мартин Јаковлески

Веста е прочитана 99 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.