АЕК НАЈАВИ КАЗНИ ЗА ОПЕРАТОРИТЕ ПОРАДИ БАВЕН ИНТЕРНЕТ

22 May, 2014 - 15:57

Агенцијата за електронски комуникации најави ригорозни казни за мобилните оператори чии услуги кон корисницте се со полош квалитет од предвиденото во претплатничките договори. Мерењата на АЕК покажале дека состојбата е особено загрижувачка во делот на мобилниот интернет. Мрежата паѓа, брзините се катастрофално ниски, се само дел од поплаките на граѓаните кои ја користат оваа услуга.

- Мерени се мрежите на сите три оператори. Се` што е под нормите кои ги зададе АЕК ќе биде санкционирано. Бидете сигурни дека ќе бидеме максимално ригорозни, бидејќи секојдневно добиваме поплаки од граѓаните, кои се жалат на перформансите на мрежите на операторите, изјави Роберт Орданоски, директор на АЕК.

 

Само три и пол отсто од корисниците во земјава имаат интернет со брзини поголеми од 30 Mbps. Според Орданоски, овој процент е многу низок, со оглед на тоа што до 2020 година овие брзини треба задолжително да им бидат достапни на сите граѓани.  

- Тоа е веќе и дел од филозофијата на ЕУ т.е. широкопојасниот интернет да стане нормална услуга. Како што имаме вода и електрична енергија така во секој дом да имаме и пристап до интернет од минимум 30 Mbps. Веруваме дека со сите овие мерки, што ги преземаме, ќе успееме во наредните 5-6 години тоа и да го овозможиме, рече Орданоски.

 

Орданоски најави дека постои иницијатива во наредниот период да се укине роамингот помеѓу Македонија и земјите од регионот кои не се членки на Европската Унија. На тој начин корисниците од земјава не би плаќале роаминг за разговори во Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. 

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 90 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.