ПРОТЕСТ НА РАБОТИЦИ ВО КИЧЕВО - ГОДИНА И ПОЛ БЕЗ ПЛАТА!

23 May, 2014 - 13:58

Дел од стотина вработени во кичевската фирма „Прототип“, дел од поранешната фабрика „ЕМО“ денеска протестираа во дворот од фабриката. Се жалат дека две недели немаат работа,  година и пол не е исплатена плата, ниту сини картони, а од почетокот на годината добиле само 5000 денари. Се чувствуваат понижени, бидејќи денеска за време на најавениот протест не можеа да излезат ниту пред влезот на фабриката. Обезбедувањето им ги заклучило портите со катанец.   

 

-Од Нова година наваму само 5000 денари, а картончиња со години немаме, исто и во „ЕМО“ со години немавме, директорите само ветуваат дека ке земеме пари, а пари нема, вели Вецко Србиноски, еден од вработените.

 

-Во државата постои закон дека пет месеци ако нема пуштено плата или придонеси, дека треба да се прекине или да се пушти под стечај фирмата, кај нас тука значи ни 5 месеци немаме плата земено, 2.5 години картончиња немаме примено,ништо нема преземено државата со нас“, вели Марјан Никодиноски.

 

Овие работници тврдат дека во моментот на нивното преземање од „ЕМО“ во „Прототип“ тие не потпишале ниту договори за работа со новиот сопственик на фирмата. Велат раководството е недопирливо за вработените, а спречени се и синдикално да се организираат. Затоа бараат помош од Владата.

 

-Ние бараме сите работници, Владата да биде запознаена со нашиот случај, да дојде овде УЈП да провери, дека 5 месеци немаме земено плати, нема ни здравствени картони, се лажеме од нова година наваму, во петок плата, ќе помине петок, во вторник, ќе помине вторник пак петок“, реагира Влатко Крстески.

 

Се обидовме да контактираме со менаџерите на фабриката,но од обезбедувањето добивме одговор,дека тоа не е возможно. 

Моника Талеска (Фото: М.Талеска)

Веста е прочитана 129 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.