СТЕЧАИТЕ И НАТАМУ ЌЕ ТРААТ ДОЛГО

23 May, 2014 - 15:17

Долгите стечајни постапки најверојатно и натаму ќе останат рак-рана на македонскиот правен систем. Дел од судиите реагираат дека последните измени на законот за стечај не гарантираат намалување на нивното времетраење туку напротив, велат дека дел од одредбите може да се покажат како контрапродуктивни.

Како најспорна ја посочуваат обврската, стечајниот судија да работи на сите парници кои произлегуваат од стечајот на конкретната фирма. Ова не само што може да ги продолжи стечајните постапки туку и да влијае врз квалитетот на пресудите, велат судиите.

- Во еден поголем предмет, во кој има пријавено 2000 – 3000 доверители, претпоставувам дека ќе произлезат над 800 судски постапки, без разлика дали се работи за трговски спорови, работни односи итн. При една таква голема бројка, илузорно е да се очекува дека ќе има напредок во запазувањето на роковите и побрзо завршување на стечајната постапка, рече Сашка Трајковска, судија во Основен суд Скопје 2.

- Кога како стечајни судии треба да постапиме по предметите што произлегуваат од нашиот стечај, ние во исто време ги работиме како итни и стечајните постапки, но треба итно да постапиме и по 20,30 или повеќе предмети примени во истиот момент, вели Биљана Јачева, судија во Основен суд Велес.

 

Според поранешниот судија и еден од авторите на последните законски измени, Дејан Костовски, актуелното решение нуди можност за скратување на стечајните постапки. Сепак, посочи дека најголем ефект би се постигнал со воведување специјализирани судови за оваа намена.

- Пред малку чув дека стопанските комори имаат предлог стечајните постапки да завршуваат за 90 дена. Да, ние можеме да завршиме во тој рок или да почнеме да размислуваме на таа тема ама или ако воведеме нов суд, кој ќе се вика трговски суд, по примерот на поранешните стопански окружни судови, или пак ако имаме барем специјализирани одделенија, истакна Костовски.

 

Во Македонија има голем број стечаи, што траат со години, а најдолгата активна стечајна постапка е отворена пред 18 години.

 

 Мирко Трајановски

Веста е прочитана 219 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.