РАБОТНИЦИ АПЕЛИРААТ:ОД ЕУРОКОМПОЗИТ УКРАДЕНИ ТРАНСФОРМАТОРИ

25 May, 2014 - 18:47

Од прилепската фабрика за наменско производство Еурокомпозит, според работниците се украдени 17 трансформатори. Вредноста на еден трансформатор како што велат без којшто не може да се одвива производствениот процес на машините, чини околу 2000 евра. Од СВР Битола, потврдуваат дека се случила кражба, но не соопштуваат детали.Случајот велат го истражува обвинителството.

Вработените пак реагираат, велат немаат никакви информации од раководството што се случува во овој прилепски загубар. Незадоволни се бидејќи платите повторно доцнат. Минатата година во просек им биле исплаќани по 4000 денари месечно, годинава им се исплатени цели само две плати, пред избори и тоа се. Тврдат дека сини картони за лекување немаат веќе две години, во прилепската болница се лечат со потврди, додека пак оние работници на кои им е неопходно лекување во Скопје,за операции или какви било други интервенции, фабриката не им ги покрива трошоците.

Агонијата за нивната работна судбина продолжува со години.

Стравуваат и да протестераат, уште повеќе јавно да говорат за проблемите.

 

Директорот Никола Лучески и покрај инсистирањето не одговара на телефонските повици, а според секретарката тој е или службено отсустен или постојано на состаноци.

 

Во овој прилепски загубар се вработени 306 работници, дел се на принуден одмор, а според анкетата спроведена во фабриката 164-ца сакаат да заминат со отпреминина од илјада и 500 евра и месечен надоместок од 7000 денари до пензионирање. Но, познавачите на приликите велат дека засега нема изгледи Владата повторно да им даде ваква шанса на вработените во овој загубар.

Еурокомпозит е единствена фабрика во Македонија за наменско производство за потребите на одбраната и безбедноста на државата.

Моника Талеска

Веста е прочитана 138 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.