СВЕТСКА БАНКА: МАКЕДОНСКИОТ БУЏЕТ Е ИСТОШТЕН

26 May, 2014 - 16:44

Македонската економија ја мачат истите болки како и останатите земји од регионот. Висока стапка на невработеност, сиромаштија, ниско ниво на капитални инвестиции, неопходност од структурни реформи, се најчестите термини во последниот извештај на Светската банка. Во извештајот е посочено дека во првиот квартал властите потрошиле 61 отсто од буџетскиот дефицит за 2014 година, а сличниот тренд во 2013 доведе до негово зголемување.

- Сметаме дека оваа голема истоштеност на буџетот е предизвикана од еднократни фактори, како понискиот степен на наплата на ДДВ. Владата во буџетот за 2014 година претстави буџетски дефицит од 3,5 отсто. Ова е таргет со кој ќе се стабилизира владиниот долг. Мислам дека постигнувањето такво ниво на буџетски дефицит е важно за да се одржи стабилноста на долгот на Владата, но има уште многу до крајот на годината така што Владата има време да ја постигне таа цел, изјави Доерте Доемеланд од канцеларијата на Светската банка во Скопје.

 

Во извештајот посебно внимание се посветува на високата стапка на невработеноста кај младите во сите земји во регионот. Во земјава оваа стапка надминува 50 отсто. Не само што невработеноста кај младите се зголемува побрзо отколку кај возрасните туку и нејзината упорност претставува ризик од создавање „изгубена генерација“, се вели во извештајот на Светската банка. 

- Тоа е тежок проблем и нема многу краткорочни решенија за него. Во секој случај, мора да се посвети внимание на структурните реформи како подобрување на деловната клима за да се зајакне побарувачката, и да се понудат стимулации за фирмите да го зголемат бројот на работници. Исто така, во иднина да се инвестира во вистинскиот вид образование, со цел младите да ги поседуваат вештините кои им се потребни на компаниите, рече Доемеланд.

 

Според прогнозите на Светската банка, македонската економија годинава ќе оствари раст од три отсто, а идната година половина процент повеќе.

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 117 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.