ОДБОЈКА

СО АВТОБУС ВО ГРАЦ НА ДЕБИТО ВО ЕВРОЛИГАТА

3 June, 2014 - 19:17

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија вечерва (вторник) заминува за Грац, каде што в четврток, против домаќинот Австрија, ќе дебитира во Европската лига. И овој пат одбојкарите за Австрија ќе патуваат со клупскиот автобусот на РК Вардар. Натпреварите ќе се играат во четврток и петок од 20:15 часот. Но, и покрај проблемите со кои се соочуваат селекторот Жарко Ристоски е оптимист.

„Одиме да оствариме добар резултат, а тоа значи да освоиме што е можно повеќе поени. Овој меч го гледаме како влезна врата за дуелите коишто следуваат. Со една победа од Австрија или со 4, 5 поени имаме одлични шанси за висок пласман“, изјави селекторот Жарко Ристоски на денешната прес-конференција.

Со Австријците во 2012 година Македонија одигра два меча во кои секоја од селекциите славеше по една победа и тоа по максимални пет одиграни сетови. Капитенот Никола Ѓорѓиев смета дека сега сме поквалитетни од Австријците и дека можеме да напаѓаме пласман во полуфиналето.

„Досега постојано атакувавме на трето место, а сега сум горд што можам да кажам дека нашата цел е Фајнал-фор (полуфинале). Оваа група е многу полесна од другата, а ние веќе имаме девет натпревари зад нас, изјави Капитенот Никола Ѓорѓиев.

Откако Словенија ја откажа организацијата на Фајнал-фор турнирот, се промени форматот на натпреварување во Европската лига. Така сега четирите најдобри репрезентации ќе играат полуфинале во два круга (дома и во гости).

Покрај оваа селекција Македонија за противници ќе ги има и репрезентациите на, Турција, Данска и Словенија.

По гостувањето во Австрија, следниот викенд нашите одбојкари ќе играат два меча во Струмица против Данска, а викендот потоа (21 и 22 јуни) во Скопје ќе ја пречекаат Турција. Натпреварите во група Македонија ќе ги заврши на гости кај Словенија.  

Веста е прочитана 127 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.