Лекарите веруваат дека бебето пронајдено во Арачиново ќе преживее

10 April, 2013 - 19:16

Успешно му е подврзан јазикот и спречено крварењето, по што веднаш било ставено на апарати за вештачко дишење. Но, дали ќе се извлече без трајни последици по здравјето, зависи од тоа колку време при обидот за давење, му е спречен протокот на кислород до мозокот. Од Клиниката за детски болести се оптимисти, се надеваат дека малиот борец ќе се извлече без посериозни оштетувања. 

Новороденчето ќе остане под 24-часовен лекарски надзор на клиниката, најмалку уште месец и половина, со цел да се спречи можноста од евентуални инфекции, бидејќи според сомнежите на лекарите, тоа било родено во лоши, нехигиенски услови. Во моментот кога лекарите ќе констатираат дека бебето е надвор од животна опасност, грижата за него најверојатно ќе ја преземат социјалните служби.

Новороденчето кое како и сите други пронајдени деца кои завршиле на клиниката, лекарите го нарекуваат Најден, го пронашол Пајазит Пајазити, во сопствениот двор во Арачиново. Глетката била страшна. Тоа било облеано во крв и фрлено меѓу сувите гранки. Замотано било само во тенка, бела марама, која останала да виси на гранките во моментот кога било фрлено преку оградата, во дворот на Пајазити. Тој веднаш ги повикал брзата помош и полицијата.

На полицијата се`уште не и` е познат идентитетот на родителите на бебето. Од СВР Скопје само кусо не` информираа дека работат на негово утврдување и на целосно разветлување на случајот.

Веста е прочитана 259 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.