ОДБОЈКА

38. МЕМОРИЈАЛЕН ТУРНИР БРАНКО ХАЏИИЛЈОСКИ-ЧАЈКА

18 December, 2014 - 17:28

Триесет и осмото издание на оваа спортска манифестација ќе помине во знакот на женската одбојка.
- Бранко Хаџииљоски – Чајка, основоположник на одбојкарскиот спорт во Тетово и пошироко, е светол лик во македонскиот спорт и во македонската одбојка, човек кој заслужил години наназад на ваков начин да се потсетуваме на неговото дело и лик и на неговиот придонес за развој на одбојката во нашата земја. Агенцијата за млади и спорт, како и секоја година, така и годинава, финансиски го потпомага овој настан и организацијата на овој турнир и за оваа намена се издвоени 200.000 денари, информира на денешната прес-конференција директорот на АМС Марјан Спасески.
Тој упати апел до сите љубители на одбојката и сите вљубеници во спортот, утре и в сабота да дојдат во спортската сала во ОУ „Гоце Делчев” и да уживаат во она што ќе го понудат четирите женски екипи, кои годинава ќе настапат на турнирот, а тоа се: Шкендија од Тетово, Работнички од Скопје, Јанта Волеј од Скопје и Марица од Пловдив, Бугарија.
Полуфиналните натпревари ќе се играат утре. Од 17 часот и 30 минути играат Шкендија – Јанта Волеј, потоа следува мала церемонија на Свечено отворање, а во второто полуфинале се среќаваат Работнички и Марица.
Во сабота од 15 часот поразените ќе играат за 3.место, а потоа следува борбата за трофејот меѓу поуспешните екипи од петочните дуели.
Турнирот „Бранко Хаџииљоски – Чајка” со почнувањето од 1975 година, во досегашна историја не се одржал само двапати и тоа од оправдани причини. Во далечната 1979 година поради поплави и во 2001 година поради конфликтот.

Веста е прочитана 138 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.