МАТУРСКИ КВАДРИЛ НА ПЛОШТАДОТ „МАКЕДОНИЈА“

17 May, 2013 - 16:42

Точно на пладне, над 1000 матуранти од скопските средни училишта синхронизирано го одиграа традиционалниот матурски танц „Квадрил“. Од плоштадот Македонија испратија порака за толеранција, соработка и крај на насилството. Велат, во овие моменти истовремено чувствуваат и радост и тага. Тагуваат по средношколските денови, но со широка насмевка на лицата зборуваат за своите идни планови. Се надеваат го направиле вистинскиот избор за понатамошното образование.

„Себеси се гледам како правно лице, можеби како судија. Јас ќе продолжием на економски, а другарка ми на јазици. Од изминатите 4 години најмногу ќе ни недостасуваат дружењето, лудориите, бегањето од часови... Такви пријатели не се наоѓаат на факултетет“, коментираат матурантите.

И додека матурантите се простуваа од средношколските денови, генерацијата 63 од гимназијата Цветан Димов, заедно со нив ја прослави 50-годишнината од матурирањето. Велат почесетени се што биле повикани на овој традиционален танц, бидејќи атмосферата за момет ги вратила во младоста.

Дружењето на плоштадот и двете генерации го продолжија со салса и други модерни танци, а крајот од матурската забава беше резервиран за рок-журка. Дружбата ја завршија со музиката на скопскиот бенд „Визија“.

Ораганизаторите на матусркиот танц се задоволни како поминала забавата на плоштадот. Порачаа дека нивните очекувања повторно се надминати.

Матуранти танцуваа и на плоштадите и улиците низ Куманово, Струмица, Гевгелија, Охрид и Струга. На оваа глобална манифестација, која се одржува веќе 12 години, Македонија учествува по седми пат. Годинава, танцот се одигра во преку 60 градови во 9 земји во светот.

Веста е прочитана 195 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.