ДИСКРИМИНИРАЧКИ ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

15 May, 2013 - 11:20

Ова е само еден од многуте примери на огласи за вработување кои содржат дискриминирачки елементи. Анализата на Комисијата за заштита од дискриминација покажала дека полот, возраста и личниот и општествен статус често се јавуваат како критериуми за вработување. Интересен е податокот дека од вкупно 300 обработени огласи, во 162 бил наведен полот како критериум, при што во дури 151 оглас се барало женско лице.

- Во 20 огласи е побарано да има фотографија од кандидатот што е крајно дискриминирачки и упатува на директна дискриминација. Исто така во голем број огласи дури нема ниту име на работодавачот, а тоа упатува на нешто дискутабилно. Затоа одлучивме да пропишеме методологија како треба да се распише конкурсот за вработување и да се знае кој може да конкурира и кај кого треба да конкурира, изјави Душко Миновски, претседател на Комисијата за заштита од дискриминација.

 

Миновски најави дека засега планираат преку обуки и опомени да ја променат праксата на компаниите да објавуваат дискриминирачки огласи за вработување, а доколку тоа не вроди со плод ќе следуваат казни. Од Комисијата велат дека сеуште водат битка со судовите, кои често не ги вреднуваат нивните мислења за тоа каде има, а каде нема дискриминација.

- Многу е тенка границата во докажувањето дали има или нема дискриминација затоа што тоа е еден специфичен вид на прекршување на човековите права. Мора многу да внимаваме затоа што ненамерно може да згрешиме и да направиме хаос во одредена дејност, рече Миновски.

 

Од Комисијата истакнаа дека дискриминацијата, покрај во огласите за вработување, е присутна и по вработувањето односно на работното место.

Веста е прочитана 205 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.