СУБРАТА РОЈ И` СЕ ПРЕДАДЕ НА ПОЛИЦИЈАТА

28 February, 2014 - 11:59

Индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој најави големи инвестиции во Македонија,  денеска и` се предаде на полицијата во државата Прадеш, откако претходно одби да се појави на суд под обвинување дека неговата компанија не им вратила на инвеститорите милијарди долари.

 

Според неофицијалните информации на индиски медиуми, притворот е изречен до 4 март. Според неговото објаснување, не се појавил пред судот поради здравствени проблеми на неговата мајка. Наводно,  е извршен претрес во неговиот дом.

 

Неговиот син Семанто Рој, кој го потврди апсењето, на прес-конференција во Њу Делхи изјави дека татко му е подготвен да соработува со властите.

 

Врховниот суд на Индија издаде налог за апсење на шефот на фирмата Сахара Индија по неговото непојавување пред судот во средата. Неговата фирма се занимава со микро финасии, медиуми, туризам, здравствена заштита и трговија со недвижности. Субрата Рој е обвинет дека подигнал над 3 милијарди долари преку обврзници за кои подоцна се дознало дека биле без покритие. Компанијата објави дека директно исплатила некои од инвеститорите.

 

 

Контролата на финансиското работење на „Сахара“ утврдила дека Рој не успеал да им ги рефундира парите на милиони инвеститори, иако за тоа бил обврзан од судот.

 

Групцијата „Сахара“ се проценува на 11 милијарди долари и таа има раширен бизнис во низа сектори, од банкарско-финансикиот и градежништвото, па до авијацијата и медиумите.

Субрата Рој е сопственик и на угледниот хотел „Плаца“ во Њу Јорк, како и на престижниот лондонски „Гровенор“.

Во неговата групација има преку 1,1 милиони вработени, со што Рој е најголем приватен работодавач во Индија.

Според индиските медиуми, апсењето било навестено уште во средината на овој месец, кога со судски налог беа „замрзнати“ банкарските сметки на „Сахара Груп“. 

Веста е прочитана 176 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.