ИЗГАСНАТ ПОЖАРОТ ВО КУЛА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

28 March, 2014 - 12:28

Целосно е изгаснат пожарот што претпладнево го зафати станот на улицата „Димитрија Чуповски“ бр. 21, на 11 кат, до гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во центарот на Скопје.



Голем пожар  избувна денеска околу 11 часот во стан на единаесетиот кат во втората кула веднаш до гимназијата „Јосип Броз Тито“. Огнената стихија ги вознемири жителите од зградата, кои веднаш почнале да бегаат. Дел од нив, додека ги чекале екипите на Противпожарната бригада, се обиделе сами да го изгаснат огнот,но велат дека системот за противпожарна заштита, односно вентилите не биле исправни.

 

На терен Противпожарната бригада интервенираше со осум возила и со повеќе од 20 пожарникари. Командантот Благоја Менковски вели дека беа зафатени простории само на еден стан на единаесетиот кат, додека нема оштетување на останатите станови.

 

Поради вдишување на чад на сопственичката на станот како и на претседателот на куќниот совет  кој се обидел да помогне, им е даден кислород од медицинската екипа на брзата помош, како и средства за смирување .

 

Додека траеше гаснењето на огнот, делот од улицата „Димитрија Чуповски“ од сообраќајницата кај „Рекорд“ па се` до студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ беше затворена за сообраќај. Полициски екипи дополнително ќе ги утврдуваат причините за пожарот, како и материјалната штета.

 

 

 

Веста е прочитана 133 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.