ЈАНКУЛОВСКА ГО ШТИТИ СТАМОВ?

1 April, 2014 - 13:06

-MВР не го коментира идентитетот на учесниците во сообраќајните несреќи, ниту за оваа несреќа, ниту за која било друга, вака одговори министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на прашањето за сообраќајната незгода во која учествувал и градоначалникот на Дојран од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, притоа не прецизирајќи дали тој го управувал автомобилот или не.

-Не би се согласила дека МВР се обидува да сокрие било што, направен е увид и комплетирани се сите документи. Но, вообичаено, МВР алармира само за несреќи во кои има смртни последици, бидејќи цениме дека јавноста треба да се информира само за оние со најтешки последици. Доколку држиме прес-конференција за секоја сообраќајна несреќа, би се изместил фокусот на делување на МВР, додаде Јанкуловска. 

Министерката рече дека не сака да го коментира увидот во самата сообраќајна несреќа што го извршиле припадници на СВР Струмица, а на незадоволните странки им порача да се обратат во соодветниот сектор на полицијата во Струмица и евентуално да го обжалат извештајот којшто го добиле, бидејќи, рече, така наложува правната процедура.

На крајот, како заклучок на прашањето на Телма, Јанкуловска рече дека правните недостатоци не се решаваат преку медиуми, туку преку соодветните институции.

Инаку, родителите на повредените тврдат дека џипот бил управуван лично од Борче Стамов и искажаа сомневање дека МВР се обидува да го заштити него и да ја забошоти целиот инцидент.

Од општината Дојран ни потврдија дека џипот што учествуваше во сообраќајната несреќа вообичаено го управува градоначалникот Стамов, но немаа информации дали тој бил зад воланот во критичниот ден. 

Во несреќата, која се случила на патот Дојран – Богданци кај браната Паљурци, тешко е повреден Блашко Петрески (31) од Богданци, кој е примен на скопските клиники, а повредена е и неговата девојка, која исто така е хоспитализирана на Клиниката во Скопје.  Според информации од семејството, Петрески и неговата девојка во саботата тргнале да се прошетаат до браната.

Веста е прочитана 114 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.