НЕДЕЛКОВСКИ СУРОВО ЗЛОУПОТРЕБИ СЕМЕЈНА ТРАГЕДИЈА

3 April, 2014 - 10:52

Навреди, закани, притисоци, па дури и посегање по приватниот живот на оние, другите од спротивниот табор. Бројот на случаите на говор на омраза се зголемувааат, и тоа речиси по правило, без каква било разврска и со поддршка директно од власта.

Новинарот Ацо Кабранов вели дека владините медиуми диригирани од два центра на моќ  на партијата на власт  ја злоупотребиле  неговата огромна лична трагедија, загинувањето на син му, во најмала рака. со  суров коментар од страна на Миленко Неделковски.

-Според мене има два центра на моќ - едниот е на улицата „Аминта трети“, а вториот во Центарот на комуникации на  ВМРО-ДПМНЕ.  Неколку месеци откако загина син ми , еден од опинион – мејкерите, Миленко Неделковски, си даде за право да објави дека  не е така како што се објаснува, и дека син ми не е мирно, туку дека е едно аздисано дете. Исто така, дека загинал нашмркан со кокаин! Тоа не е точно! Тоа ме погоди, но знаев дека нема да го тужам. Ми направи проблем дома и до ден денеска жена ми бара да го сретне и да му удри шлаканици,  рече Кабранов.

 Тој го посочи и случајот  кога тој и двајца други новинари на насловна страница на еден дневен весник беа прикажани како хомосексуалци.

-Тоа ме изнасмеа, но се прашав, дали тоа можеби се однесува на нив, додаде Кабранов.

Присутните на трибината ја нарекоа Македонија посебен случај бидејќи се разликува од останатиот демократски свет  по тоа што не се води дебата за говорот на омраза.

-Токму спротивното, тој доби институционална поддршка, рече новинарот Борјан Јовановски.

-Мене ми залепија етикета на предавник, а ваквите навреди и ги пренесуваат дури и на мојата ќерка која има 14 години, рече Јовановски.

-Говор на омраза се користи од новинари против свои колеги, а тоа оди во функција на власта  која се раководи од максимата „раздели па владеј“. Во ваква ситуација новинарите манесто да ги откриваат нивните грешки, се зафатени со меѓусебен колеж, заклучи Катерина Синадиновска од Советот за етика на новоформираното тело за саморегулирање на новинарите.

Хелсиншкиот комитет ќе се обиде да  процесуира вакви случаи преку проект кој предвидува   нивно одбележување на интернет платформа креирана специјално за оваа намена.

Веста е прочитана 137 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.