ОТКАЗ ОД „УТРИНСКИ“ ЗА ЕДЕН ТЕКСТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

3 April, 2014 - 10:56

Утрински весник“  ја откажа  долгогодишната соработка со дописничката од Битола, Анета Блажевска, неколку дена по добиената тужба од  битолскиот градоначалникот, Владимир Талески. Тој ги тужи весникот, Блажевска и  локалниот лидер на СДСМ,  Васко Ковачевски, за текст објавен во „Утрински весник“, на 22 ноември минатата година, откако Ковачевски од советничакта говорница го запраша Талески, како како успеал да се збогати во еден мандат за 6 милиони денари, покажувајќи го анкетниот лист за имотната состојба на градоначалникот. Блажевска вели дека по речиси десет  годишна хонорарна  соработка со „Утрински весник“, шокирана е од начинот  на кој МПМ ја извести за отказот.

 

-Мојата Редакција ми испрати порака по меил во која што пишува дека престанува потребата од мое  ангажирање, а отказот дека  ќе го добијам  по пошта. Ова е за мене најшокантниот и најпервезниот пример до каде е новинарството во Македонија и што значи слободата на изразување. Ова е порака не само до мене, туку до целиот еснаф, вели Блажевска

 

Во периодот кога  опозицијата  ја отвори  оваа тема во Советот на општина Битола и на неколку прес конференции,  Блажевска  била на боледување, но на барање на редакцијата на „Утриснки весник“, вели, го сработила текстот  професионално, со сите засегнати страни. Не е изненадена  од тужбата на градоначалникот, колку што е разочарана  од претпоставените, на кои им порачува дека ова што и се случува неа, може да им се случи и нив.

 

 

-Мојата Редакција ми го нарача текстот, ми рекоа, „ние тоа го немавме, а беше обработено во некои медиуми, напиши за тоа“. Јас го напишав текстот со наслов „Колку е богат Владимир Талески“, со изјави од Талески и Ковачевски. Во текстот ги имам двете страни, а исто така пренесувам и амбиент  дека во Битола се зборува за тоа, додава Блажевска.

 

Градоначалникто Владимир Талески во тужбата за навреда и клевета бара  27 илјади евра отштета од медиумот и 15 илјади евра од Ковачевски, или вкупно 42 илјади евра.

 

-Поднесената тужба од градоначалникот Владимир Талески, против мене и против новинарите и медиумите е уште еден доказ дека власта сака да изврши притисок врз сите оние кои што не мислат како неа, посебно што оваа тужба се поднесува во предизборието, вели  локалниот лидер на СДСМ во Битола, Васко Ковачевски.

 

Безуспешни останаа обидите да го добиеме ставот на „Утрински весник“.  За случајот е известено и Здружнието на новинари на Македонија, од каде обезбедена е бесплатна правна помош за Блажевска, но ЗНМ  досега  нема реакција за прекинатиот договор  на  дописничката од Битола. 

Веста е прочитана 124 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.