СЕ ВРАЌААТ БОЛЕСТИТЕ КОИ БЕА ИСКОРЕНЕТИ!

4 April, 2014 - 14:36

Се заканува опасност од враќање на искоренетите заразни заболувања што ги шират инсектите. Климатските промени, енергетските кризи и економските превирања можно е да ја вратат маларијата, но и да доведат до појава на нови досега непознати или ретки зарази, предупредуваат лекарите. Според нив, глобалното затоплување ќе го зголеми бројот на инсектите-преносители, што значи и поголема распространетост на заболувањата.

 

„Ќе ја споменам само Грција којашто е во наше непосредно соседство и која од 2011 година па наваму бележи многу голем број на заболени. Првите случаи во 2011 година беа автохтони, значи на територијата на Грција на луѓе што не патувале надвор. Значи имаме вектор и услови и ние за тоа, и многу лесно после 40 години ова заболување може да прејде и кај нас“, изјави д-р Гордана Кузмановска, Институт за јавно здравје.

 

Изминатата година во Македонија се регистрирани 3 случаи на маларија кои биле заразени надвор од земјата, 4 случаи на лајмска треска и 20 лица со лајшманиоза, меѓу кои и еден смртен случај. Најчести преносители на ваквите заразни заболувања се комарците, крлежите и песочните муви.

 

 „Не секој комарец или крлеж е инфициран, но по каснувањето од комарец или крлеж треба да се следи здравствената состојба кај лицето 30 дена. Ако било какви симптоми добие се резултат токму на каснувањето и мора да се јави на лекар, дури и по 25-30 дена ако добие симптоми треба да се посомнева дека можеби е од крлежот или од комарецот“, вели д-р Јованка Костовска, Министерство за здравство.

 

Во меѓувреме лекарите се справуваат со неодамна прогласената епидемија на морбили. Досега лабораториски се потврдени 50 клинички поврзани случаи, а три се водат како сомнителни. Од заразените, 11 се хоспиотализирани. Меѓу нив има и пет ипол месечно бебе. Главен проблем за ширењето на морбилите е имунизацијата.

 

„Во однос на вакциналниот статус, 38 лица или 72 отсто од заболените не се вакцинирани, 5 лица или 9,4 отсто не подлежат на вакцинација, односно се помали од 13 месеци, четворица или 7,5 % немаат податок, и 6 лица се вакцинирани со една доза на МРП“, информираше д-р Лилјана Лазаревска од Центарот за јавно здравје - Скопје.

 

 

Епидемијата на морбили ќе се отповика кога ќе поминаат 24 дена од последниот регистриран случај, односно доколку во овој период не се јави ниту еден новозаболен.

Веста е прочитана 113 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.