ВРАБОТЕНИОТ ВО „САХАРА ГРУП“ ВО КАРАТМАНОВО ДОБИ ОТКАЗ

4 April, 2014 - 16:11

Санде Стојанов од Каратманово остана без работа, откако фирмата на индискиот бизнисмен Субрата Рој не му го продолжи договорот. Човекот чија трогателна приказна за сиромаштијата во која живее неговото многудетно семејство ја потресе јавнсота денеска добил известување дека ова е последната негова плата од „Сахара Груп“. Нема објаснување зошто не му е продолжен шестмесечниот договор .

 

 

Од Aгенцијата за односи со јавност на фирмата на Рој, преку соопштение известија дека Стојанов не ја извршувал чуварската работа како што треба.   

 

„Минатата недела исчезнаа 200 литри нафта во сопственост на Млекарница „Сахара Македонија“. Санде Стојанов беше повикан на разговор и беше побарано да даде одговор и објаснување за инцидентите поврзани со неговите работни обврски. Тој немаше никакво објаснување. Неможноста да даде издржан одговор, ја спречи компанијата да го пронајде вистинскиот сторител и виновник за исчезнувањето на нафтата“-се вели во реакцијата на „Сахара Груп“.

 

Стојанов пак вели дека останувал дури и прекувремено на работа, чесно ги извршувал задачите, а во моментот кога се случил инцидентот бил далеку од местото за да може да го забележи крадецот. Се сомнева дека поради тоа што пред неколку месеци дал изјава за медиумите за тоа како работи фирмата, сега добил отказ.

 

„Сахара Груп“ го вработи Стојанов откако медиумите ја објавија приказната за бедата на седумчленото семејство кое минатата зима доби принова. Платата која ја земаше таткото беше доволна за преживување.Со отказот сега ова семејство не може да го земе ниту детскиот додаток на кој се надеваше. Мал дел земјиштето во Џумајлија кое сега е во сопственост на индискиот бизнисмен, кој се соочува со законот во Индија, е посеано со житни култури но, не се видливи поголеми замјоделски активности. Од фирмата велат дека се трага по подземни води за создавање на бунари од што ќе зависи каде ќе се гради млекарата.

Веста е прочитана 163 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.