ЖИТЕЛИ НА ЦЕНТАР ПРОЕСТИРАА ПОРАДИ ИЗГРАДБА НА КАТНА ГАРАЖА

5 April, 2014 - 16:37

Идејата на паркинг просторот спроти Старата железничка станица да никне катна гаража во барок стил, висока 29 метри е вистинска глупост, реагираат жителите на околните згради. Тие сметаат дека нема никаква потреба од реализација на овој проект, бидејќи како што велат, од спротивната страна на улицата веќе има една катна гаража која најчесто е полупразна. Доколку објектот се изгради, тоа значително ќе го влоши квалитетот на нашиот живот, реагираат жителите.

- Како ќе пристапуваат возилата на Брза помош и пожарна? Сега имаше пожар кај гиманзијата Јосип Броз Тито, едвај влегоа пожарните. Тука ќе биде уште полошо. Цел реон го претворија во градилиште.

- Во овој дел на градот да има толкава концентрација на катни гаражи е навистина катастрофа. Па, тука дневно ќе се паркираат по 300-400 возила. Ова ќе стане најзагаден дел од градот.

- Нема потреба од катна гаража. Ние сме категорично против ама прашање е колку ќе се слуша нашиот глас.

 

Дали ќе се изгради оваа катна гаража зависи исклучиво од вас, им се обрати на насобраните граѓани градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски. Таа е предвидена во Деталниот урбанистички план од страна на претходниот состав на советот, а ние не можеме да направиме измена, бидејќи по апсењето на Шиповиќ силите во Центар се израмнети, рече Жерновски.

- До сега во општината Центар имаше шест инспекции за оваа проблематика, кои ме притискаа сето ова тука да биде до крај истуркано. Сега ги информирам граѓаните дека мораат да поднесат жалби до второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски во однос на изградбата на катна гаража на оваа локација.

 

 

Министерството за транспорт и врски уште пред две години најави дека на оваа локација треба да се изгради објект во барок стил, во кој освен паркинг простор е предвидено да има и канцеларии, продавници и ресторани. 

Веста е прочитана 69 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.