БЕЗМИЛОСНА СЕЧА НА ШУМАТА КАЈ КУМАНОВСКО ГРАДИШТЕ

5 April, 2014 - 18:01

Безмилосно се сече шумата околу манастирскиот комплекс Свети Ѓорѓи. Стотици млади стебла веќе се уништени, а ние сме немоќни тоа да го спречиме, се жалат луѓето од кумановското село Градиште. Се обратиле до надлежните министерства и преговарале со претставниците од Кумановско- Осоговската епархија, но велат, никој не ги слуша. 

 

Владо Спасев, жител на с.Градиште вели дека кога разбрале дека се уништува шумскиот фонд веднаш реагирале, биле на состанок кај секретарот во Кумановол, меѓутоа им кажале дека донеле одлука да се уништи шумата затоа што била стара и можела да направи штета! 

 

Стојанка Спасева, жител на с.Градиште вели дека убавата природа мора да се спаси.

 

Сами го одржуваaт манастирот и конаците, МПЦ до сега ништо не им помага, но барем и не уништува,велат луѓето од ова село. Од Кумановско- осоговската епархија пак, потенцираат дека црквата нема средства за обнова на манастирите и зема од својот двор, не од туѓи имоти. Тие тврдат дека имаат дозвола да сечат стари, заболени и суви дрвја, а парите од продажба ќе одат за обнова на манастирот и конаците.

 

Отец Игор Здравковски рече дека одлуката е донесена заеднички, согласно со претпријатието кое врши сеча, да се отстранат стеблата што се заболени и исушени за да може тоа да се искористи, а потоа, вели, секако дека ќе бидат засадени нови стебла.

 

Градиште стана најпосетено излетничко место по конфликтот во 2001 година кога во Матејче повеќе не можеше да се отиде. Oд околните села доаѓаат на собори за празниците, заради чистиот воздух, но и за животните што слободно шетаат наоколу,срни, верверички, фазани. Ако се исече шумата, првенствено се прави штета на животинскиот свет, а  местото ќе стане голак и ќе се запусти- велат мештаните. Во Градиште до некаде е стопирана миграцијата село - град но, со ваква немарност на институциите, младите повторно ќе бегаат од селото.-предупредуваат луѓето.

 

Жителите на Градиште апелираат до државата; „пропагирате развој на руралните средини и борба за здрава еколошка средина, тогаш спречете го уништувањето.

                                                          Фросина Лазаревска

Веста е прочитана 110 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.