ДР ТОФОВСКИ: АНТИВАКЦИНА КАМПАЊАТА ПРЕДИЗВИКУВА ГОЛЕМА ШТЕТА

7 April, 2014 - 15:43

Негативната кампања против имунизацијата ќе ги продлабочи проблемите во здравството. На вакцините им се препишуваат негативни ефекти без никакви докази, што може да резултира со сериозна и непоправлива штета на здравствениот систем, предупреди претседателот на македонското лекарско друштво, Јован Тофовски.
-Сега се јавуваат некaкви антивакцинални кампањи, што се глупост. Ние мора да се спротиставиме на тоа бидејќи може да настане голема општествена штета, вели Тофовски.
Тој го акцентира и проблемот со незадоволството на лекарите кое продолжи и по неколку месечнниот штрајк, кога лекарите бараа повисоки плати, безуспешно му се спротиставија на проектот „плаќањето по успешност“ и инсистираа на поголема почит од страна на Министерот за здравство.
-Анкетите покажуваат дека лекарите се незадоволни, не е тоа само заради платите, не се само парите во прашање, тука е и односот. Сето тоа треба да го изанализираме и тоа треба да се поправи бидејќи е значајна компонента за успешна работа на здравствениот систем, нагласува Тофовски.
Министерот за здравство Никола Тодоров не го коментираше незадоволството на лекарите.Тој е задоволен од напредокот во здравството и доволна му е меѓународната потврда за македонското здравство.
-Европскиот здравствен индекс оцени дека македонското здравство напреднало за три места и е подобро рангирано од неколку држави членки на ЕУ, рече Тодоров.
На денешното одбележување на Светскиот ден на здравјето лекарите предупредија и дека може да ни се вратат искоренетите заразни заболувања кои се пренесуваат преку убод на инсекти . Срамота е, велат, во 21 век граѓаните да умираат од каснување на комерец или крлеж и уште еднаш повикаа на задолжителната вакцинација.

Веста е прочитана 209 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.