ВО ДРАЧ УАПСЕН МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН СО 2,2 ТОНИ МАРИХУАНА

8 April, 2014 - 13:06

Албанската полиција доцна синоќа уапси македонски државјанин кој во камион превезувал речиси два и пол тона дрога, канабис сатива.Медиумите во соседна Албанија известуваат дека е приведен 45 годишниот скопјанец Александар Николовски откако во камион „сканија“ управуван од него, е пронајдена дрогата .Тој се обидел да ја транспортира со траект од пристаништето Драч до Бари. Според албанската полиција дрогата била спакувана во 45 големи вреќи заедно со мебелот што го превезувал. На уапсениот скопјанец веќе му е одредена мерка притвор.

Од друга страна Македонската полиција денеска се пофали дека во три одделни акции спречила меѓународна трговија со дрога во вкупна количина од околу 150 килограми. Во првиот случај во заседа на граничниот премин Богородица фатени се двајца шверцери од Стојаково, додека петмина кои биле со нив успеале да и избегаат на полицијата. Тие се обиделе преку граница во Грција да пренесат 135 килограми марихуана и 5 килограми хероин

Во останатите случаи полицијата во гостиварско пресретнала двајца за кои се претпоставува дека се албански државјани кои успеале да избегаат, но ранецот што го носеле го фрлиле, а во него се пронајдени 6,5 килограми марихуана. На патот од Ресен кон Битола пак е фатен охриѓанец кој во возило пежо превезувал половина килограм марихуана и хероин. Инаку,од почетокот на изборната кампања министерката за внатрешни работи,која е носител на листата за пратеници во 2 изборна единица за ВМРО-ДПМНЕ секојдневно одржува пресс конференции на кои известува за полициските акции.

Билјана Николовска

Веста е прочитана 151 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.