УСТАВНИОТ СУД ЈА ПОТВРДИ ЛУСТРАЦИЈАТА

9 April, 2014 - 15:45

Законодавецот има право да го уредува опфатот на временскиот период и на лицата кои треба да се лустрираат, како и постапката пред соодветните институции, смета мнозинството уставни судии.

-Законодавецот ја утврдува созреаноста на општеството и моментот кога демократијата може самата да се брани. Законодавецот цени за кој период лустрацијата треба да важи и да му се спротивтстави на тоталитарниот режим, Елена Гошева.

 Судот ги отфрли трите иницијативи со кои се оспоруваше законот во целина и 14 негови одредби. Мнозинството не го прифати мислењето на судијата известител, Наташа Габер Дамјановска. Според неа, спротивно на меѓународните насоки, законот е полн со недоречености кои овозможуваат слободно толкување и кршење на човековите права, а го спроведува комисија чиј мандат е истечен. 

 -Постои видлива дискрапанца меѓу меѓународните препораки и нашиот закон, чии решенија по трет пат се донесуваат. Јасно е дека Македонија прави поширок и подлабок процес на лустрација, сошто ги надминува загарантираните права.

Дел од судиите изразија сомнение во уставноста на  одредени решенија.

 -Во ниеден случај не се споменува жртвата. Тоа го отвора прашањето за смислата на лустрацијата, рече Гзиме Старова.

 -Со објавувањето, се ограничува приватноста на лустрираниот пред да заврши постапката. Штетите се неповратни, рече Исмаил Дарлишта.

Повеќето судии се уверени дека временски законот мора да важи и по 91, кога е донесен новиот устав.

 

-Фактички по 1991 година ништо не се сменило во почитувањето на слободите и правата. Демократијата доаѓа постепено, ниту институциите ниту кадарот ниту постапките не претрпеле измени и продолжило политичкото прогонување, рече Никола Ивановски.

Габер тврди дека по 1991 почнало уставното менување на системот, а со Кривичниот законик од 1996, пред Законот за лустрација, политичкото малтретирање станало кривично дело.

 

-Не можеме целосно да определиме дека од 91 почнува правната држава и потоа престанала дискриминацијата по било која основа. Некој и денес може да каже дека е малтретиран и дискриминиран на политичка основа. Но, важно е дека постои правна рамка која тоа го оневозможува, Наташа Габер Дамјановска, судија известител.

 

Во 2008 и во 2011 година, уставниот суд донесе две укинувачки одлуки за спорните точки од лустрацијата. Овој пат, судот одлучи поинаку со образложение дека се работи за различна материја.

Веста е прочитана 116 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.