ПРОТЕСТ НА СТЕЧАЈНИТЕ РАБОТНИЦИ ВО СКОПЈЕ

9 April, 2014 - 16:44

Игнорантски однос и затворени врати од институциите за стечајните работници. Ниту денешните протести не донесоа ништо ново во нивната борба за социјална правда. По којзнае кој пат побараа средба во Владата, но повторно не беа примени на разговори. Велат дека се крајно разочарани од односот на власта. Не веруваме во ниту една од социјалните мерки на Владата, ниту во последното ветување за опростување на дологовите, рече Лилјана Георгиевска, претседател на Здружението УНИТ. 

- Ги знаеме мерките на Владата. Овде – онде ќе дадат по нешто и ако со тоа покријат 500 луѓе, тие ќе речат дека покриле 5.000 луѓе. Значи се` е лага. Живееме во еден популизам, во една голема лага. Ние повеќе немаме од што да живееме и затоа бараме да се најде решение за нашиот проблем за да можеме и ние како и сите нормални граѓани да ги плаќаме сметките.

 

Стечајните работници претходно побараа од Македонската радио телевизија да ги ослободи од радиодифузната такса, а од Синдикатот да им се придружи на проетстите, но и од двете места добија негативен одговор. Полека ја губиме и последната надеж дека државта ќе го реши нашиот проблем, но ќе продолжиме да доаѓаме на протести затоа што не сакаме да се откажеме од нашите права, велат стечајните работници.

- Оваа Влада ги изневери сите кои веруваа во неа. Јас не знам дали има некој стечаец кој е опфатен со последниот закон. Еве јас доаѓам од Крива Паланка и од таму нема ниту еден стечаен работник кој доби некакво обештетување.

- Не верувам во ништо. Само доаѓаат сметки и извршители и никој не не прашува од што живееме.

 

Малку недостасуваше повторно да дојде до инцидент меѓу стечајците и полицијата откако Георгиевска побара легитимација од еден од полициските службеници, кој како што рече, ја обвинил дека прима пари за да ги организира протестите. 

 

Веста е прочитана 82 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.