ПУТИН: ДОЛГОТ НА УКРАИНА ЗА ГАС СОЗДАВА КРИЗА ЗА ЗАПАДОТ

10 April, 2014 - 19:01

 Рускиот претседател, Владимир Путин, ги предупреди европските лидери дека огромниот украински долг за гасот кој оваа држава го добива од Газпром, создава критична ситуација, која би  можела да има директни последици и на доставувањето на рускиот гас до европските потрошувачи. Според Газпром,  долгот на Украина веќе достигнал над 2 милијарди долари. Во писмото испратено до европските лидери, Путин предупредува дека доколку Украина не го исплати својот долг, Газпром ќе биде присилен да прејде на модел на авансно плаќање а во случај тоа да не биде почитувано, компанијата ќе биде присилена целосно или делумно да го прекине доставувањето гас. Истовремено, ситуацијата во источна Украина и натаму е тензична. Вршителот на должноста, претседател на Украина, Олександар Турчинов денеска порача дека властите нема кривично да ги гонат про-руските демонстранти кои ги зазедоа зградите на државната администрација во Доњецк и Луханск, доколку тие го предадат своето оружје. Засега нема навестувања дека демонстрантите се подготвени да ја прифатат понудата на Турчинов.

 

 

-Условите кои ни ги нудат украинските власти, не се прифатливи. Тие ни ветуваат амнестија во замена за откажување од оружјето, тоа не е соодветно за нас, вели- Сергеј Корсински, проруски демонстрант. 

 

 

Би сакале да станеме федерален регион, во овој миг во рамките на државата. Потоа, народот ќе треба да донесе одлука, ние не можеме да одлучиме за народот! – вели Валери Болотов, проруски демонстрант.

 

За кризата во источна Украина вчера два пати телефонски разговарале и американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров. Тие се согласиле дека безбедносната криза треба да се разреши на мирен начин. 

 

 

Веста е прочитана 96 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.