ЕЛЕКТРОНСКА ПЕТИЦИЈА ЗА СПАС НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „МАВРОВО“

10 April, 2014 - 19:16

Со електронска петиција за спас на Националниот парк „Маврово“ , еколошките здруженија и експерти ќе се борат против изградбата на хидроцентралите „Луково поле“ и „Бошков мост“. Од меѓународната конференција за заштита на природата, уште еднаш предупредија дека овие проекти ќе бидат кобни за животинските видови во паркот. Дополнителен проблем  е тоа што покрај двете главни хидроцентрали, ќе никнат и петнаесетина помали.

 

„Дури и со најстроги мерки за намалување на притисоците од изградбата на овие брани, најверојатно најзначајното нешто во паркот, а тоа е балканскиот рис, ќе биде под сериозна закана од исчезнување. Овој вид според сите досегашни истражувања има единствено репродуктивно подрачје во Националниот парк Маврово“, изјави Љупчо Меловски, професор на ПМФ и претседател на Македонско еколошко друштво.

 

Екологистите ги повикаа премиерот и министерот за животна средина да ја потпишат декларацијата за зачувување на националниот парк, зад која застанаа голем број меѓународни експети. Банките пак, коишто го финансираат проектот одбиле воопшто да учествуваат на меѓународната конференција и да ги соочат аргументите.

 

„Владата и Министерството за животна средина уште еднаш да ги прегледаат нивните одлуки во однос на финансирање на овие два проекта и да го стопираат изведувањето со оглед на фактот што загубата би била непроценлива доколку се спроведе. Исто така, испративме апел и до Светската банка и Европската банка за обнова и развој да се одвратат од нивниот интерес за финансирање на овие два проекта во Националниот парк“, рече Александра Бујароска, Национален координатор на кампањата „Да го спасиме синото срце на Европа“.

 

Ова непроценливо природно богатство е за граѓаните, а не за големите бизнис интереси, и` порачаа на Владата странските организации. Според нив, Луково поле и Бошков мост се дел од проектите што испраќаат негативна порака до меѓународната заедница, а во опасност се и останатите речни долини на Блканот, каде се планирани повеќе од 570 хидроцентрали.

 

„Ние се обидуваме да го спречиме ова цунами преку барање до европската унија да инсистира земјите да имаат специјален план за реките. Тоа е исто како градење на куќа. Вие не можете да ја изградите каде сакате, без претходно да имате посебен план и проект. Истото е потребно и за хридроцентралите“, потенцираше Улрих Ајхелман, извршен директор на меѓународната организација за зачувување на реките, „RIVERWATCH“.

 

„30 отсто од реките на Балканот спаѓаат во прва класа, тоа е вистинско богатство на кое му се заканува опасност. Националните паркови не смеат да се менуваат воопшто, затоа ваквиот план на владата е контрадикторен. Изградбата на „Бошков мост“ и „Луково поле“ во Националниот парк „Маврово“ ги загрозува и директно ги прекршува европските директиви за заштита на животната средина. Ние остро го критикуваме тоа“, вели Габриел Шведерер, извршен директор на „ЕuroNatur“.

 

Уште поскандалозно од тоа, што проектите се во спротивност со европската легислатива, е што се финансирани од странски инвеститори, велат тие и апелираат дека е неоходно изготвување на глобален план за зачувување на најранливите водни екосистеми во регионот.

Веста е прочитана 188 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.