ПУТИН ЈА ИЗВЕСТИ МАКЕДОНИЈА ЗА МОЖНА ГАСНА КРИЗА

11 April, 2014 - 09:24

Eвентуалниот прекин на дистрибуцијата на гас од Украина,на што преку писмо упатено до шефовите на држави на 18 земји, меѓу кои и на претседателот Ѓорге Иванов предупреду рускиот претседател Владимир Путин нема да се одрази на енергетската стабилност на Македонија,тврди првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Димитар Петров. Единствено што може да се очекува е да се зголемат трошоците на компаниите што на крајот може да се одрази и на потрошувачите.

 Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика вели: „Секоја гасна криза има негативни ефекти врз работењето на компаниите кои го користат гасот како примарен енергенс.Во таков случај тие компании треба да се ориентираат кон други видови енергенси што може да доведе до пораст на нивните трошоци во работењето. Но, со оглед на тоа што гасот се уште нема доминантна улога во енергентскиот микс во Македонија,се цени дека таквата потенцијална ситуација нема да има значајно влијание врз енергетската стабилност на државата“.

Рускиот претседател Путин според весникот Рускаја газета,писмено ги предупредил лидерите на  Македонија, Германија, Австрија, БиХ, Бугарија, Грција, Италија, Молдавија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка дека украинскиот долг од над  2,2 милијарди долари за гасот што оваа држава го увезува од „Газпром“ создава критична ситуација која може да има директни последици и на доставувањето на руски гас до европските потрошувачи.

Европската комисија пак, денеска ја повика Русија да ги почитува договорите за гас.Според портпаролката на комисијата Лиа Архенкилде Хансен, Европа е доверлив клиент за гасот и очекува добавувачите да ги исполнат своите обрвски.Според Москва, европските лидери се уште не одговориле на повикот на Путин за итно решавање на прашањата поврзани со испораката на гасот.

Украина пак претходно соопшти дека не може да и плака на Русија нови повисоки цени за природен гас и најавија дека ке се обратат до арбитражниот трибунал во Стокхолм 

Виолета Зајкова

Веста е прочитана 129 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.