ИЗБОРЕН МОЛК

11 April, 2014 - 23:13

Од полноќ во сила е изборниот молк кој трае до недела до 19 часот. Во недела ќе се одржат претседателски избори. Право на глас имаат 1.779.572 гласачи запишани во Избирачкиот список. Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), 8.332 гласачи ќе гласаат во дипломатско конзуларните претставништа на Македонија. Утре ќе гласаат болните и изнемоштените лица, раселените лица, како и затворениците. Исто така,на едно избирачко место во ДИК ќе може да гласаат членови на избирачките одбори во странство, во дисјаспората, кои треба да патуваат.  

 

Избирачките места во недела ќе бидат отворени од 7 часот наутро до 19 часот навечер. На гласачкото ливче за претседател има четворица кандидати. Годинава првпат избирачите кои гласале ке бидат обележани со видливо мастило во вид на маркер на десниот палец. Тој ке се гледа најмалку 24 часа и не може да се избрише со алкохол, ацетон, хидроген или други средства за бришење. 

 

Акредитирани се 8.325 домашни и 326 странски набљудувачи, како и 222 преведувачи.

 

Претседателските избори ќе ги набљудуваат мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Парламентарното собрание на Советот на Европа, ЕУ, амбасадите на САД, Шведска, Италија, Турција, Франција, Бугарија, Холандија, Косово, Словенија, Полска, Грција, Австрија, Шпанија, Хрватска, Кина, Словачка, Германија, Катар, Црна Гора, Србија, како и набљудувачи од данската организација Силба и Асоцијацијата за напредок едукација и лобирање Нел, невладините Мост и Цивил, Здружението за хуманитарни активности Синергија, Здружението на граѓани за демократизација и подигнување на колективната свест Движење Вепро и Здружението на граѓани Центар за развој на медиумите.

 

Првите изборни резултати од претседателските избори можат да се очекуваат в недела до полноќ, а конечните ДИК треба да ги соопшти 24 часа по затворањето на избирачките места.

Веста е прочитана 111 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.