ТЕЛЕФОНСКА ЛИНИЈА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ ПОВРЕДА НА ИЗБИРАЧКО ПРАВО

12 April, 2014 - 08:55

Во канцеларијата на Народниот правобранител утре, на денот на одржување на првиот круг на изборите за претседател на Република Македонија, во периодот од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321 на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.

Отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.

Покрај лично во канцелариите, како и на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на телефонските броеви: Тетово 044 344-082, Струмица 034 329- 996, Кичево 045 228-586, Битола 047 242-310, Штип 032 389-701 и Куманово 031 431-488.

Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од страна на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права.

И во оваа пригода народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Никој не смее, се наведува во соопштението, да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што не случајно повредата на слободата на определувањето на избирачите како и други повреди на избирачкото право се казниви дела.

Веста е прочитана 118 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.