УТРЕШНОТО ГЛАСАЊЕ МОСТ ЌЕ ГО СЛЕДИ СО 580 НАБЉУДУВАЧИ

12 April, 2014 - 16:12

Првиот круг од Претседателските избори 2014, кој ќе се одржи утре Граѓанската асоцијација МОСТ ќе го следи со 580 набљудувачи, број со кој ќе се покријат исто толку гласачки места во Република Македонија. Со овие набљудувачи ќе се покријат 15 проценти од гласачките места во целата држава, односно 15 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Ова денеска на прес-конференција го истакна извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов, кој рече дека набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места.

- Покрај тоа, МОСТ ќе има и 84 мобилни тимови, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои МОСТ нема статични набљудувачи. Покрај гласањето на 13 април, денес МОСТ го набљудува и предвременото гласање на болни и немоќни лица, внатрешно раселени лица, лица во затвор и лица во куќен притвор, потенцира Алексов. 

Жолтите маици, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано  „Мониторинг 2014“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, како што посочи, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните, кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ.

- Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица и овластување исклучиво од овие избори. Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080, рече Алексов и додаде дека доколку граѓаните не се сигурни на кое избирачко место гласаат, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk.

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, нагласи Алексов, МОСТ ќе ги соопшти на четри конференции за јавност, кои ќе се одржат во 9, 11, 14 и 19 часот.

- Граѓанската асоцијација МОСТ упати уште еден апел за одржување на фер, демократски и мирен изборен процес, кој што им е повеќе од потребен на граѓаните на Република Македонија. МОСТ верува дека учесниците во изборниот процес ќе покажат демократска култура и политичка волја и ќе ги стават државните пред партиските интереси, а граѓаните слободно ќе ја изразат својата волја, истакна Алексов. 

Додаде дека проектот „Домашно набљудување на претседателските и предвремените парламентарни избори 2014“ е реализиран од страна на МОСТ и е поддржан од страна на амбасадите на Холандија, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Сојузна Република Германија, Швајцарската агенција за меѓународен развој и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград.

Веста е прочитана 108 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.