ДИК ГИ ОДБИ ПРИГОВОРИТЕ ОД ПАРТИИТЕ

12 April, 2014 - 16:35

Бришењето  лица од Избирачкиот список со непостоечки адреси во општината Кисела Вода остана да виси неодговорено во мноштото дискусии на седницата на ДИК. Ова барање заедно со сите останати  приговори  околу запишувањето и дополнувањето податоци Анета Стефановска  ги нарече  политички манипулации во кои се инволвирани една невладина организација, но и телевизиска куќа. 

Сличен и беше и одговорот на прашањето кое самата го постави - која е целта на приговорите на една од партиите. 

-Се прави само црна дамка на целиот изборен процес. Се знае зошто овие лица не се запишани, рече Стефановска.

 ДИК го одби и барањето да се избришат од избирачкиот список 657 лица кои не се државјани на Македонија , а на кои им е дозволено  да гласаат во амбасадата на Македонија во Тирана. Реагираше Субхи Јакупи. 

-Вие решивте дека овие луѓе се со привремена адреса во Албанија, но тука има многу докази кои не се во прилог на ова тврдење. Сега се откриваат многу работи, како на пример каде се даваат лични карти. Дали згрешиле што самите се пријавиле. Како крадец кој самиот се открива, рече Јакупи. 

Лицата од Пустец беа причина за кавга и кога ДИК ја усвои информацијата на Управниот суд дека на дополнителни 112 луѓе од ова место им се прифатени тужбите да бидат запишани во посебниот избирачки список во Тирана, 

На Субхи Јакупи кој регираше поради вавката одлука на судот му реплицираше Сашо Срцев.

-Наместо свечена атмосфера за избори ние ги учиме судиите каде грешеле. Ова остава сомнеж дека седницата е свикана заради политички поени, рече Срцев. 

Му одговори претседателот Рилковски. 

-Ако алудирате на тоа дека сме го прекршиле изборниот молк - грешите. Политичките партии имаат право да дадат приговори за изборниот процес, рече Рилковски.

Според  него, овие граѓани се изманипулирани од страна на власта, исто како и за време на локалните избори. Жално е, рече, дека се користи нивната сиромаштија бидејќи е познато за колкав надомест тоа го прават.

Веста е прочитана 106 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.