ШКАРИЌ: ЗА НОВИНАРСКАТА ПРОФЕСИЈА НЕ Е ПОТРЕБЕН ЗАКОН

12 April, 2014 - 20:39

Професорот по уставно право Светомир Шкариќ денеска ја промовираше книгата „Научно толкување - Устав на Република Македонија“, во која пишува за медиумската слобода, за лустрацијата, за настаните од 24 декември, со што оваа книга добива документаристички карактер

 

-Се потрудив да објаснам зошто за новинарската професија не е потребен закон, бидејќи таа е веќе регулирана со други закони. Што се однесува до случајот со новинарот Томислав Кежаровски, морам да потсетам дека уставот гарантира право на информација, гарантира и право на заштита на изворот на информацијата. Но, Кежаровски одговара пред законот и е осуден, а всушност тоа е недозволиво, бидејки тој има уставно право на информација и право да не го открие изворот на информацијата. Ако новинарите ги откриваат своите извори, тогаш нема новинарство, рече Шкариќ.

 

Во однос на Законот за лустрацијата, Шкариќ нагласи:

-На секој оној правник што ја поддржува оваа лустрација, под итно треба да му се одземе дипломата. Правникот не треба да ја меша политиката, туку треба да се држи до правото и процедурата. Треба да ги потсетиме дека Европскиот суд оценува дека со оваа лустрација се повредува Европската конвенција за човекови права, а со тоа и Уставот, бидејќи Конвенцијата е составен дел на Уставот, рече Шкариќ.

Веста е прочитана 109 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.