СТРУМИЦА - ДОЦНЕЊЕ ПОРАДИ ГРЕШКА ВО БРОЕЊЕТО

13 April, 2014 - 09:13

Само на избирачкото место 1754 во Струмица гласањето во првиот круг од претседателските избори не почна навреме. Причина за тоа беше грешка во броењето на гласачките ливчиња. По половина час проверување избирачкото место беше отворена и гласањето почна.

-Бидејќи дел од членовите што ги броеја гласачките ливчиња избројаа помалку, но ете повторно, по третиот обид беше успешно. Значи се беше точно, рече Драган Маџиров, претседател на изборалки одбор.

И во Општинската изборна комисија потврдија дека на ова избирачко место од вкупно 83 во општината гласањето почна со задоцнување.

-Единствено со задоцнување од 28 минути е почнато гласањето на избирачкото место 1754, во кое поради технички грешки при броењето на гласачките ливчиња настанала забуна и потоа е констатирано дека воопшто нема грешка, рече Васил Крстев, претседател на ОИК Струмица.

Другите избирачки места беа отворени навреме и гласањето се одвива без никакви проблеми.

-Гласањето на ова избирачко место тече нормално, се е во ред. Навремено е отворено во седум часот наутро. Вкупно има запишано 748 гласачи, од кои четири болни, кои што гласаа вчера. Се надевам дека нема да има никакви проблеми како и досега, рече Никола Глигоров, претседател на избирачки одбор.

Во утринските часови традиционално први својот глас го дадоа повозрасните граѓаните. Тие очекуваат мирни и фер избори.

-Да, тоа ни е обврска. Еве во раните утрински часови ја завршивме работата. Очекувам реалност, мислам дека нема да има никакви проблеми, па кој има среќа нека му е со среќа, рече еден граѓанин.

-Што очекуваме ќе каже народот. Народот ќе си каже, ќе гласа, рече друг граѓанин.

Во четирите општини од овој регион-Струмица, Ново Село, Василево и Босилово право на глас имаат 80.999 граѓани, кои гласаат на 141 избирачко место.

Ристо Тасев

Веста е прочитана 60 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.