ПЕТТИ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ ВО МАКЕДОНИЈА

13 April, 2014 - 09:22

Денеска се одржуваат петтите претседателски избори. На 3.480 избирачки места во земјата право на глас имаат 1.779.572 избирачи. Гласачките места се отворени од 7:00 до 19:00 часот.

 

Граѓаните ќе можат да избираат меѓу четворица кандидати.За претседател ќе биде избран кандидатот кој на првиот круг од изборите односно денеска ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани гласачи. Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена, на 27 април, ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.

 

Оваа година првпат на претседателски избори право на глас имаат и македонските државјани во странство, кои гласаа вчера на 34 избирачки места во изборните единици 7 (Европа и Африка), 8 (Северна и Јужна Америка) и 9 (Австралија и Азија). Пријавени за гласање беа 8.332 македонски државјани кои работат и живеат во странство. Вчера гласаа и затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица, војниците, како и 6.980 болни и немоќни лица.  

 

За следење на претседателски избори се акредитирани 9.155 домашни и 489 странски набљудувачи, како и 222 преведувачи. За нив ќе известуваат и триесетина странски новинари.

Доколку денеска Македонија не го добие својот нов претседател, вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи на 27 април за кога се закажани и предвремените парламентарни избори. Кампањата за парламентарните избори е во тек, но поради одржувањето на претседателските избори според одлуката на ДИК денеска и утре таа е прекината.

Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија, во 1994, 1999, 2004 и 2009 година. 

Веста е прочитана 93 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.