ТЕКСТИЛЦИТЕ СО СТАРИТЕ ПРОБЛЕМИ

14 April, 2014 - 18:34

Во Македонија има текстилни работници кои земаат пониска плата и од законски минимално утврдените 7.500 денари. Причината за ова е што тие се принудени секој месец дел од својата плата да издвојуваат за подмирување на давачките кон државата. Проблемот е во тоа што најниската основица за пресметка на персонален данок е 50 отсто од просечната плата во државата, а во моментов таа изнесува околу 10.500 денари, вели Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилна индустрија.  

- Работниците кои земаат помалку од 10.500 денари имаат повисок процент за плаќање придонеси, бидејќи доплатата на придонесите до минималната плата ја вршат од својата заработка. За жал тие работници плаќаат дури и персонален данок, а земаат плата еднаква или пониска од минималната плата.

 

Според Димитров, текстилната индустрија и натаму се бори со проблемите кои ја мачат со години. Создавањето сопствени брендови е само „пуста желба“, а и дел од лон производството почна да се сели во земјите од Блискиот и Далечниот Исток, каде ценовната конкуренција е немилосрдна, рече Димитров.

- На почетокот на оваа година една голема германска компанија, која работеше во источна Македонија, отвори своја конфекција во Индонезија и македонската компанија цела април остана без работа. Тој тренд и натаму ќе биде присутен и за тоа треба сите наши компании да се свесни, но и да се прилагодуваат на таа ситуација.

 

Над 90 отсто од текстилните капацитети во земјава се занимаваат исклучиво со лон производство, кое има ниска додадена вредност. Оваа индустрија вработува над 40.000 лица и во вкупниот извоз учествува со 16,4 отсто.    

 

Веста е прочитана 93 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.